На 03 мај 2023 година, во Скопје, се одржа настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонската и Загребската берза. Настанот на едно место собра преку 50 претставници на хрватските и македонските брокерски куќи и банки, инвестициски и пензиски фондови, котирани компании, регулатори, депозитари и други учесници на пазарот.
Со оглед на сопственичката поврзаност на Македонската и Загребската берза и интенцијата за продлабочување на билатералната стратешка соработка, примарната цел на настанот беше учесниците на хрватскиот пазар на капитал детално да се запознаат со македонскиот пазар, со што ќе се олесни нивниот пристап до македонскиот пазар.
Настанот со воведни обраќања го отворија Претседателката на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, г-ѓа Нора Алити, Претседателката на Управниот одбор на Загребска берза, г-ѓа Ивана Гажиќ и Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје г-дин Иван Штериев.
„Свесни сме дека меѓусебното информирање за двата пазара моравме да го подигнеме на едно повисоко ниво затоа што ако сакаме да се вратат повеќе странски порфолио инвеститори мора тие да се запознаат со нашите продукти, со нашата инфраструктура и да најдат бизнис интерес и можности за инвестиции на нашиот пазар. Изминатите години имавме неколку добри години, но сепак основен двигател на пазарот се македонските инвеститори и во добар дел македонските физички лица. Тоа е добро и поскувано, но не е идеална стрuктура на прометот. Ние би сакале да имаме повеќе инвеститори од странство, тие да донесат и нов промет и нови практики“, изјави Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев.
„Македонскиот пазар нуди исклучително интересни можности за инвестирање и преку овој настан сакавме да ги доближиме уште повеќе до учесниците на хрватскиот пазар на капитал. Имаме долга историја на висококвалитетна соработка со Македонската берза. Со оглед на сопственичката поврзаност, сакаме да ја продлабочиме оваа соработка на обострано задоволство со цел да обезбедиме поголема видливост на регионалниот пазар и на сите наши компании на глобалната инвестициска карта“, истакна Ивана Гажиќ.
Презентациите за македонскиот пазар на капитал беа одржани од страна на Катерина Илиќ-Нонкуловска од НЛБ Банка Скопје и Дејан Николовски од Министерството за финансии на Република Северна Македонија, додека Матко Маравиќ од Интеркапитал, Хрватска и Горан Марковски од КБ Публикум Инвест Скопје одржаа презентација со работе наслов “Како заедно да го развиеме пазарот?”.
Во рамките на овој настан, хрватските претставници реализираа работна посета во Алкалоид АД Скопје. На средбата хрватската делегација, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО на Алкалоид, Живко Мукаетов, проследија презентација која ги опфати остварените резултати од работењето на Алкалоид, производственото портфолио и деловните операции.
Настанот продолжи со презентации од македонските котирани компании:
- Комерцијална банка АД Скопје - презентацијата ја одржа Маја Стевкова Штериева, Главен директор за финансии и член на Управниот одбор за Комерцијална Банка АД Скопје;
- НЛБ Банка АД Скопје - презентацијата ја одржа Бранко Грегановиќ, Претседател на Управниот одбор за НЛБ Банка АД Скопје;
- Гранит АД Скопје - презентацијата ја одржа Гоце Христов, Главен директор за финансии за Гранит АД Скопје;
- Макпетрол АД Скопје - презентацијата ја одржа Марина Веселинова, Раководител на Одделот за план и анализа за Макпетрол АД Скопје и
- Реплек АД Скопје - презентацијата ја одржа Душко Дрваров, Директор на Сектор финансии за Реплек АД Скопје.